Во петокот, 11 ноември во просториите на Столарскиот едукативен центар (Пасворд продакшн) ќе приредиме изложба на предметите подготвени во рамки на првата Столарска едукативна работилница за развивање на лични вештини Откриј го столарот во себе, а дел од проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од мебел индустријата во Скопје, поддржан од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд.

 На изложбата ќе може да ги видите сите чекори низ кои поминаа учесниците во првата работилница. Од изработка на едноставен алат - блокче за брусење, свеќник, столче, гајбичка, па сè до мебел за домашни миленичиња - кутија за мачки и стол за во градина. Сите предмети се изработени од материјал кој е остаток од индустријата на мебел и со тоа, нешто што потенцијално би станало отпад е претворено во предмет но и вредно образовно искуство.

 Изложбата е со продажен карактер. Каде, ние ќе ја поставиме препорачаната вредност на изработениот предмет а вие по ваша желба и можност ќе дадете предлог цена. Сите средства кои ќе се соберат од продажбата ќе бидат наменети за стипендирање (намалување на висината на котизацијата) на лица од социјално загрозени категории во некоја од следните Столарски едукативни работилници.

 Ова е одлична можност за сите потенцијални идни учесници во Столарската едукативна работилница да се запознаат со просторот, но и да поразговараат со некој од обучувачите или поранешните учесници и да се охрабрат да се пријават на тековниот отворен повик за пријавување на следната Столарска едукативна работилница.